февруари 7, 2012 at 6:19 pm
· Filed under лично, општество, пороци, раскази, сеир
Нешто пред пладне отидов да проверам во каква состојба е колата… и, штом имаше снег на неа повеќе од колку што мислам дека таа треба да носи земав со она метличено да избуткам тоа вишокот. И, така… скоро бев при крај со работава… од другата страна на улицата – дејствието се случува на улицата Тримпаре (ми се чини), помеѓу школото Песталоци и детската градинка – доаѓа една млада жена до една жолта кола натрупана со снег… Таа нешто бутна од тоа снегот од кај шоферската врата и нешто така се вртка… Ако ви треба метличе еве јас веќе привршувам… и` реков…Не, благодарам – вели таа – само нешто сакам да земам… И, во тој момент се сетив на мојата нова импулсивна блог-пријателка и она што таа вчера го опиша … Зошто да не!?!… си реков и на младата жена и` реков дека – кога веќе сум зафатен со таа работа – би можел и нејзината кола да ја ослободам од белиот товар… Не, не… благодарам… вели таа. Ако не Ви треба снегот на колата можам да го избуткам… и` реков. Па нешто не ми треба… така, малку изненадена таа ми се виде од неочекуваниот гест од моја страна. Добро, таа замина а јас се префрлив со метличето од другата страна на улицата… го буткав тоа снегот од нејзината кола дури многу повнимателно одошто тоа го правев на мојата… за да не загребам нешто…И, така… кога со еден потез со метличката го фрлив надесно снегот од задниот дел на жолтото авто гледам тоа да ти било Атос!?! Во истиот момент се префрлив во мислите на полуостровот Атос… можеби на латиница треба Athos стои за да се однесува на тоа свето место… ама тоа не ми сметаше… додека низ мислите ми пролетаа слики од манастири и монаси и почнав да си потпевнувам еден црковен византиски напев си размислував кога би можел да отидам таму… погледнувам во регистрацијата, и – какво изненадување: грчка регистрација!!! За миг мислите ми се свртија на друга страна: Што ли си помисли младата жена за мене? Можеби помислила дека ќе престанам со тоа што го започнав кога ќе видам дека станува збор за грчка кола…грчка државјанка или грчка снаа… Ама, не… примерот на Импулсивна повеќе ме инспирираше одошто препукувањата (малака!) на релација `скопјани-грчишта`…
Permalink
февруари 6, 2012 at 12:07 pm
· Filed under блогосфера, вести, гастрономија, здравје, историја, кариера, образование, општество, пороци, сеир, уметност, филозофија
Според вестите Грција поради должничка криза со која се соочува има потреба од нов имиџ, оценува германскиот европратеник со грчко потекло Јоргос Шацимаркакис и предлага ново име за меѓународна употреба кое ќе и помогне на земјата за нов почеток. ,,За многумина во Европа името Грција асоцира на нефункционален политички систем, непотизам. Како дел од еден чесен нов почеток грчкиот Устав треба да се промени и земјата да се преименува во Хелас на сите јазици…
Сега му е мајката зис кантри да излезе со предлог нашиот јужен сосед да не може да го користи тоа име поради ељрљтљт@трт а како слободно можат да се наречат SNoFYROM (Southern Neighbour of Former Yugoslav Republic of Macedonia) како ерга омнес!
Хауг!
Permalink
јануари 28, 2012 at 10:05 am
· Filed under здравје, кариера, образование, општество, пороци, сеир, спорт
Еуфоријата во републикава што се создаде со успешните настапи на нашите резентативни селекции во кошарка (пред неколку месеци) и ракомет (сега) – а оправдано поттикната од страна на Агенцијата за млади и спорт – треба да се искористи што е можно повеќе млади да се зафатат со спортски активности… за свое добро, како и за добро на нацијава.
Јасно е дека кошарката и ракометот се стекнаа со многу нови кандидати… но, во зависност од личните предиспозиции и условите може да дојдат во предвид и други колективни и поединечни спортови:
Permalink
јануари 24, 2012 at 8:42 pm
· Filed under вести, здравје, кариера, општество, сеир, спорт
На неколку дена пред завршувањето на европскиот ракометно првенство за мажи може да заклучиме дека во Ниш и Белград се испратени вистински мажи… кои успеваат да се носат со серијата на стресни настани (како поволни, а уште полошо и неповолни). Јас, како спортски дилетант и сеирџиски познавач на работиве можам да им испратам поздрави на македонските спортисти и стручното раководство што сега се во Србија и да им порачам дека симпатиите што ги освоија кај значителен дел од граѓанството во Македонија би требало да им бидат нешто како лексилиум за нивните душевни немири предизвикани од занесите што ги вкусија кога имаа ѕвездени моменти, а уште повеќе очајот што го споделувавме после нивните резултатски киксеви во мечеви кога звучни државни селекции – напразно – беа надиграни.
Додека неуспехот во практично добиениот меч со германците можеше да се преболи, особено со резервирањето на картите за Белградската арена, восхитува виталноста што ја прикажа нашата селекција која што за кратко време успеа да се врати во игра после шокантниот пораз од репрезентацијата на Данска. Пет возбудливи – или, поточно кажано, драматични – натпревари за помалку од десет дена не се лесен залак!!! Таму е на испит како физичката така и менталната издржливост. Некое време по медиумите се ширеше веста дека Миркуловски се здобил со скршеница на раката… што, за среќа, се покажа како неточна, ама илустрација на тоа како изгледаат блиските средби со робусните противници на теренот е скршеницата на носот на Јоновски. Колку што првенството се приближува кон крајот толку повеќе има работа за физиотерапевтот… Верувам дека товарот на очекувањата – реални или нереални – од јавноста (како што изјави Мојсовски) и од владини претставници (претпоставувам во името на премиерот пренесени преку агенцијата за млади и спорт) не е лесно да се издржи. Во таква ситуација верувам дека посетата на Претседателот на Републикава Ѓорге Иванов им дала поволен импулс на играчите, затоа што – верувам – неговиот стил е сосема различенод оној на Стаљин кој можел да им се закани со Сибир на неговите поданици ако не му го сервираат очекуваниот резултат. Верувам дека Хорхе (со кого освен тоа што имам исто име имам и слични проблеми со верзијата на записот во матичната книга на родените) како родител знаел да им каже дека победата не е императив! Ако публиката беше осмиот играч на теренот… вчера деветиот беше Хорхе!
Утре е нов ден, нов предизвик! Веројатно ќе можеме да ја победиме четата на домаќинот затоа што тие – покрај влогот во развојот на добрососедските односи – немаат потреба да ги ангажираат најдобрите затоа што ним им е потребен одмор пред следната средба што ќе одлучи која репрезентација ќе игра во големото финале… и каква полза од тоа можеме да имаме, според исходот од утрешните средби в нашата група.
Што и да се случи следниве денови во Белград, сигурен сум дека најповолен резултат на ова ракометно `падни-стани` ќе биде тоа што илјадници млади во републикава ќе бидат многу поактивни на спортските терени… и ќе успеат да се справат со искушенијата и лажните предизвици (кафани, обложувалници, цигари, алкохол, дроги…) и ќе посветат многу повеќе време на спортските терени вложувајќи стотици часови во подготовки и натпревари со надеж дека еден ден и тие ќе ја имаат привилегијата да бидат претставници на Македеонија во врвни поединечни или екипни натпреварувања од висок ранг.
Permalink
јануари 20, 2012 at 9:34 am
· Filed under вести, здравје, историја, кариера, општество, сеир, спорт, уметност
Македонската ракометна репрезентација `купи карти` за пат од Ниш до Белград!
Откако ги помина деновите на искушенија во Ниш, нашата репрезентација ги продолжува возбудливите натпревари. Предводена од искусниот капитен Кире Лазаров тимот од малата и оспорувана балканска држава без страв им се спротивставува на ракометни велесили. Од досега прикажаното добра вест е што капитeнот Кире Лазаров не е најдобар! Со сите признанија за него како еден од најдобрите ракометни играчи на денешнината може да се забележи дека тој не блеска на овој шампионат. Тоа го забележува не само непристрасното око на статистиката туку – без сомнение – и стручниот тим на нашата ракометна репрезентација, а најдобро од се` е што тоа им е на увид на останатите играчи од нашиот национален табор. Да потсетиме дека во првиот меч (против Шведска) ветеранот Алушевски беше прогласен за најдобар на мечот, на вториот натпревар – кога несреќно загубивме од германската селекција – најдобар беше Мојсовски, а вчера – против чесите – играч на мечот (најдобар во тимот што победи) беше Миркуловски! Статистиката на мечот покажува дека и Манасков и Стоилов и Темелков и Мојсоски одлично си ги исполниле задачите, голманот Ристовски ја одбранил секоја трета топка што била упатена кон неговиот гол што тој го бранеше за време на сите 60 минути од натпреварот. Значи, кога капитенот не блеска… и другите мора да ги `засукаат ракавите` и да превземат одговорност да се покажат подобри од противниците.
Кога станува збор за минутажата, најмногу време на теренот од играчите поминал Темелков, а потоа Лазаров, Алушовски, Миркуловски, Димовски, Ангеловски – сите преку 30 минути. Сепак, според увидот од телевизискиот пренос најмногу време `во игра` поминаа симпатизерите што во голем број отидоа во Ниш и прават атмосфера што секој тим на теренот би ја посакал и со своето бодрење им даваат `крилја` на ракометарите на теренот. Тие се вистински `осми играч` за нашиот тим.
Самодовербата кај играчите расте! Откако тие успеаја да ја надополнат негативата од неколку гола во последните минути од натпреварот со Шведска, откако успеаја да го `одболуваат` несреќниот пораз во играта со германската машина и постигнаа импресивна победа против чесите (од кои ги имаме и најголемите порази) може да се рече дека тие здобиваат уште поголема желба за нови победи. И тие – како и ние – се навлекуваат на вкусот на победите! Спортски резултати што можат овие студени јануарски денови да натераат илјадници граѓани да излезат на улиците на Скопје и да се радуваат што нивни сограѓани стануваат сериозна закана за етаблирани европски ракометни велесили!
За во Белград нарачани се уште неколку дози од тоа `опиумот`… најмногу од нас тоа ќе го вкусат – се надевам – во републикава, неколку илјади симпатизери ќе отпатуваат до Белград… а, од самиот пехар ќе се насладуваат тие што тоа и најмногу го заслужуваат… македонските претставници!
Permalink
јануари 18, 2012 at 12:00 pm
· Filed under вести, здравје, кариера, образование, општество, сеир, спорт
Последниве денови нацијава ја тресе „ракометна треска”! Настаните во и околу спортскиот центар Чаир во Ниш не се обичен спортски настан за македонските репрезентативци, граѓани и селани… туку манифестација на желба за спортски успеси, самодокажување и – последно, но не и не најмалку важно – сплотување на нацијава.
„Предигра” – во емоционална смисла – на ова ракометно европско првенство може да се смета настапот на нашите кошаркари во Литванија пред четири месеци и возбудата што тие ја предизвикаа кај македонците со своите (неочекувани?) резултати таму. Сведок сум на избликот на задоволство и гордост кај луѓето на плоштадот во Скопје каде што кошаркарите беа пречекани… и, верувам, дека ним тоа им дојде како доволна компензација за пропуштените шанси од Литванија да се вратат и со медали. Со нивните спортски подвизи тие назначија дека освен како учесник (скромна илустрација на кубертеновото мото), а почесто како губитник можеме да видиме како изгледа вкусот и на победите како „опиум за народот”! Сеуште не сме зависници од тој „опиум”… ама, изгледа, полека се навлекуваме на него! Националниот тим на ракометни репрезентативци ги испративме во Србија со нарачка за висок пласман! Easier said than done (полесно е да се рече отколку да се стори) велат искусните. Арно ама, опиени од бранот на оптимизам и (нереални?) очекувања и бодрени од илјадници симпатизери украсени со црвено-жолти обележја и во земјава нашите ракометари без комплекси на инфериорност истрчаа на теренот во Ниш против две светски ракометни велесили Шведска и Германија и – најмалку речено – беа рамноправни со нив. Колку што можеме да бидеме задоволни што играчите успеаја да ја надополнат резултатската негатива против Шведска во последните минути на натпреварот… толку можеме да жалиме што на германците им успеа да се вратат од вратат „од мртвите! ” Како што целиот позитивен метеж во Ливанија го сублимира Илиевски во извикот „Леле, што направивме”! така и народското „Ќе пукнеме од мака! ” што дописниците го регистрираа од устата на Наумче е концентрат на чувствата кај репрезентативците и симпатизерите за пропуштената шанса.
Но, колку што има причини за тагување уште повеќе има и за радување! Со своето поведение (школски израз што бара опис „подобро од примерно”) на теренот момчињата ја подигнаа „летвичката” малку повисоко! Потврдија дека можеме рамноправно да се носиме со силни репрезентации… и, дека, ако се работи на некоја задача со план, ангажирано и промислено резултатите нема да изостанат!
На крај, без да ги анализирам можните комбинации околу разврската во групата Б, би сакал да им порачам на нашите репрезентативни ракометари во Србија дека знаеме дека ќе се борат за победа во претстојниот дуел со Чешка… но, повеќе од резултатот е важен начинот! А, потоа, ќе видиме…
Permalink
јануари 16, 2012 at 2:02 pm
· Filed under вести, сеир, спорт, уметност
Феноменално издание на македонската ватерполо репрезентација. Во импресивна игра декласирана е турската репрезентација, која што – како што потсетуваше телевизискиот коментатор – ја победи нашата репрезентација на претходното ЕП во Загреб.
Од 0:1 до 11:1 до крајот на третата четвртина… преку13:1 на почетокот на третата четвртина… се виде дека ова е кошмарен ден за турците, кои својот втор гол го постигнува дури на 6 минути пред крајот на натпреварот.
Слушам – и ми се чини – амбициите на нашите репрезентативци за висок пласман изгледаат можеби и нереални , затоа што во групата се и реномирани репрезентации како Унгарија, Италија и (домаќинот) Холандија… но со таква игра ништо не треба да не` изненади! 16:4 е највисока победа што нашата репрезентација ја има забележено до сега!
Утре се игра со репрезентацијата на НЈС и, верувам, сега на нивните ватерполисти им клацает ноѓеве… а утре ќе им се тресат и гаќите!!!
Permalink
јануари 15, 2012 at 2:36 pm
· Filed under вести, историја, општество, пороци, сеир, спорт
Се разбира дека деновиве вниманието на македонската јавност – особено онаа спортската – е свртено кон Ниш и европското ракометно првенство што таму започнува денес…
Пријателскиот договор меѓу двете земји – границата да може да се помине само со (биометриски) лични карти – им овозможува на значителен број македонци да бидат директни сведоци на ракометните возбудувања… Е, сега… има и по некоја непријатност: пред неколку дена имаше вест за провокација од страна на граѓани на нашиот северен сосед со знаме на нашиот јужен сосед, а некои мајтапчии сега напишале графити во Ниш што велат дека Македонија е српска земја: http://kurir.mk/makedonija/vesti/57051-Makedonija-e-srpska-zemja–grafiti-vo-Nis
Ако сакал да биде попрецизен авторот на графитот требал таа порака да ја стави во минато време… бидејќи, навистина, со Букурешкиот договор голем дел од Македонија и` бил даден на владение на Србија… но тој дел веќе стекна независност… и како независна земја е член на Обединетите нации… навистина со привремено име… но тоа не е `Вардарска бановина`!
Инаку, јас пораката првично ја прочитав како `Македонија е ЕПска земја`, и го задржувам правото така да ја читам и понатаму… надевајќи се дека нашите репрезентативци ќе вкусат признанија за нивните усилби и резултати што ќе можат да се оценат скромно како ЗА ПОФАЛБА!
Permalink
јануари 11, 2012 at 11:28 am
· Filed under Некатегоризирано, здравје, лично, локално, пороци, сеир
Како што секоја нова направија може да има позитивна употреба така таа истата може и да наштети. Се разбира дека автомобилот може да ја илустрира претходната констатација за брз и пријатен транспорт, ама ако не се внимава кога се вози постои ризик како од материјална штета така и од повреди… да не споменувам и трагични настани…
Кога малите деца проодуваат и се пуштаат самостојно да се движат родителите постојано укажуваат дека треба многу да се внимава на улиците, да се поминува на обележани пешачки премини (и семафори) и да се внимава и тогаш кога имаме предност во однос на други учесници во сообраќајот…
Но, забележувам дека родителите недоволно укажуваат на опасноста од користење на мобилни телефони по улиците! Тоа сум го утврдил многу пати. И, се чудам како возрасни девојки и момчиња толку се занесени со тоа мобилните што минуваат на пешачки премини така што повеќе внимание посветуваат на нивните мобилни одошто на возилата што наидуваат кон преминот!?! Состојбата да биде уште поризична, многу од зборувачите главата ја вртат спротивно од страната од каде што доаѓаат возилата… така што воопшто не гледаат дали возачите во возилата што им се приближуваат ја намалуваат брзината или и тие се занесени со некој телефонски разговор…
Знам дека има закон што на возачите им забранува да користат мобилен телефон додека возат (не сум сигурен дали сообраќајните полицајци забележуваат дека тоа не се почитува) ама, мислам дека би требало да се размислува за амандман на тој закон… па освен на возачите да им се забрани користење на мобилни телефони и на пешаците додека тие поминуваат преку пешачки премини…
Освен позитивни и мобилните телефони имаат и негативни влијанија… и да не се изложуваме на ризик да потврдуваме дека возилата можат да бидат многу поопасни по здравјето на корисниците на мобилни телефони… особено кога тие се користат на пешачки премини со погледи усмерени кон излозите на околните продавници…
Permalink
јануари 4, 2012 at 10:50 am
· Filed under лично, образование, општество, сеир, уметност
Ми дојде малку смешен овој `демант`… па… да го забележам.
Добриот готвач вели дека се` што е претерано не е вкусно.
Па, на тема не се`присутниот (и агресивен!) англиски јазик некаде се пошегував дека и кучињата денес лаат на англиски! (Порано пеевме Ав! Ав! Шарко лае… а новата верзија изгледа ќе биде Уау! (Wow!) Sharko лае).
Но, на стари години видов дека руски сум требал да учам, па – имајќи во предвид дека интернетот значително ја олеснува работата при учење на странски јазици – си најдов сајт-два по мерка. И, само што стигнав до 5-та лекција гледам дека
Собака не говорит по-английски – The dog doesn’t speak English.
Смешно ми дојде: Не зборува… ама сега лае на англиски!
Permalink
« Previous entries Следна страница » Следна страница »