Министерска је туга преголема…
Да бев министер…
Да бев министер во оваа државиче луѓето би ми завидувале на леснотијата на живеење!
Во држава во која партијата знае кого треба да форсира министерската позиција е достижна само за милениците на челниците на партиите од владејачката коалиција… па, можете да си претпоставите како ќе се топев од радост за можноста да ја потврдам мојата ефикасност кога премиерот ќе ме замолеше за некоја ситна услуга…
Кратко-потшишани момчиња со дебели вратови видливо или невидливо дење-ноќе ќе им шепотеа на таквите што ќе ми се испречеа на патот да се тргнат на страна за непречено да поминам (за тие да не ги тргнат на сила, се разбира)… ќе имав личен шофер што ќе `леташе` по тоа празните улици на главниот град со згаснати семафори, а сообраќајци ќе ги задржуваа стотиците нестрпливи возачи по споредните улици додека мојот мерџо со запалени ротациони светла да профрчи за миг пред нивните завидливи погледи… немаше да има потреба на тој шофер да му кажувам дека во багажникот треба секогаш да има резервен чист најлон за да го постели пред да го легне закланото јагне, прасе или едноставно убаво обработената `полутка`, со која ќе се запознаам дури откако ќе се вратиме дома после некоја срдечна средба со граѓаните…
Некои од коалиционите партнери конкретно ќе се погрижеа за моето здравје… и ќе ми организираа неколкудневен престој на чист воздух во некое Швајцарско питорескно село со прошетка по околните ридови и увид во ефикасноста и дискретноста на службениците во тамошните банки… и сето тоа во замена за еден џентлменски потез некој нивен амандман на закон да го ставам прв на купчето… или некој друг да го ставам последен…
Батка, на другарските фудбалски натпревари дури и играчите од екипата на опозицијата ќе си даваа автоголови за да не се разлутам од конечниот резултат на контролната средба… па да одбијам да пиеме чај со рум заедно во блиското кафуле…
Службеничките заводливо ќе ми се насмевнуваа по ходниците од владата… а некои од нив со задниците или предниците ќе ја амортизираа теснотијата на лифтовите… придружено со двосмислени насмевки… и изјави дека тие знаат супер кафе да варат…
Ете, на кратко, така замислувам дека би ме третирале… да бев министер…
Арно ама…
Ако некоја од службеничките на мојот спрат што знаат навистина да ја читаат иднината според шарите на дното од превртените филџани главата `загрижено` ја занишаше главата …
- Имаш пат!… Имате пат, господине министер… – ќе рече симпатичната службеничка, арно ама мене ќе ми беше сосема јасно дека не е никакво `читање на иднината` ако на еден мисистер му кажеш дека ќе има пат… ќе си помислев…
- Ќе има обиди за некои сплетки… – ќе продолжеше нашата службеничка, ама на еден внимателен министер му е јасно како бел ден дека не само што ќе има обиди… туку, и дека ќе има и сплетки…
- Има птица…нешто како син јастреб да е тоа… – и таман кога ќе си помислев дека тоа може да биде знак за нешто убаво – вивнување во висините, слободен лет, гледање на човеците од височина – ама, тоа како да се однесува на некое момче што може да ти направи непријатности. На блогот ќе се јави едно момче со дарба што ќе ги зачудува читателите со своите лични и силни стихови… Ќе има луѓе што веднаш ќе ја забележат неговата појава… компетентни луѓе ќе предложуват неговите стихови да се внесат со задолжителна лектира… ама, коалициониот партнер – откако ќе ја согледа реалната `опасност` – со инсистирање на бадинтеровиот принцип ќе ги опструира активностите за промоција на нашиот талент…
Позицијата со етнички предзнак ќе инсистира на забрана за печатење на стиховите…
Опозицијата со етнички предзнак ќе инсистира на печатење на стиховите… под услов тие да бидат поместени после стиховите на револуционерните поети од запад…
или
Опозицијата со етнички предзнак ќе инсистира на забрана за печатење на стиховите… а
позицијата со етнички предзнак ќе инсистира на печатење на стиховите… под услов стиховите на револуционерните поети од запад да бидат поместени пред нив…
- Да бидам отворена, господине министер… – ова е како `шлаг` на кафето - гледам дека може реконструкција на владата да има наскоро…
Да бев министер во оваа државиче луѓето би ми завидувале на леснотијата на живеење… а немаше да знаат на какви маки би можело да бидам изложен… само поради убавина од стихови…
Да бев министер…