Во Ниш „летвичката” е поставена повисоко, благодарение и на ракометарите… и симпатизерите!

Последниве денови нацијава ја тресе „ракометна треска”! Настаните во и околу спортскиот центар Чаир во Ниш не се обичен спортски настан за македонските репрезентативци, граѓани и селани… туку манифестација на желба за спортски успеси, самодокажување и – последно, но не и не најмалку важно – сплотување на нацијава.
„Предигра” – во емоционална смисла – на ова ракометно европско првенство може да се смета настапот на нашите кошаркари во Литванија пред четири месеци и возбудата што тие ја предизвикаа кај македонците со своите (неочекувани?) резултати таму. Сведок сум на избликот на задоволство и гордост кај луѓето на плоштадот во Скопје каде што кошаркарите беа пречекани… и, верувам, дека ним тоа им дојде како доволна компензација за пропуштените шанси од Литванија да се вратат и со медали. Со нивните спортски подвизи тие назначија дека освен како учесник (скромна илустрација на кубертеновото мото), а почесто како губитник можеме да видиме како изгледа вкусот и на победите како „опиум за народот”! Сеуште не сме зависници од тој „опиум”… ама, изгледа, полека се навлекуваме на него! Националниот тим на ракометни репрезентативци ги испративме во Србија со нарачка за висок пласман! Easier said than done (полесно е да се рече отколку да се стори) велат искусните. Арно ама, опиени од бранот на оптимизам и (нереални?) очекувања и бодрени од илјадници симпатизери украсени со црвено-жолти обележја и во земјава нашите ракометари без комплекси на инфериорност истрчаа на теренот во Ниш против две светски ракометни велесили Шведска и Германија и – најмалку речено – беа рамноправни со нив. Колку што можеме да бидеме задоволни што играчите успеаја да ја надополнат резултатската негатива против Шведска во последните минути на натпреварот… толку можеме да жалиме што на германците им  успеа да се вратат од вратат „од мртвите! ” Како што целиот позитивен метеж во Ливанија го сублимира Илиевски во извикот „Леле, што направивме”! така и народското „Ќе пукнеме од мака! ” што дописниците го регистрираа од устата на Наумче е концентрат на чувствата кај репрезентативците и симпатизерите  за пропуштената шанса.
Но, колку што има причини за тагување уште повеќе има и за радување! Со своето поведение (школски израз што бара опис „подобро од примерно”) на теренот момчињата ја подигнаа „летвичката” малку повисоко! Потврдија дека можеме рамноправно да се носиме со силни репрезентации… и, дека, ако се работи на некоја задача со план, ангажирано и промислено резултатите нема да изостанат!
На крај, без да ги анализирам можните комбинации околу разврската во групата Б, би сакал да им порачам на нашите репрезентативни  ракометари во Србија дека знаеме дека ќе се борат за победа во претстојниот дуел со Чешка… но, повеќе од резултатот е важен начинот! А, потоа, ќе видиме…

Comments (4)

ЕП во ватерполо: МАКЕДОНИЈА:ТУРЦИЈА 16:4 Македонските репрезентативци играат сјајно!

Феноменално издание на македонската ватерполо репрезентација. Во импресивна игра  декласирана е турската репрезентација, која што  – како што потсетуваше телевизискиот коментатор – ја победи нашата репрезентација на претходното ЕП во Загреб.

Од 0:1 до 11:1 до крајот на третата четвртина… преку13:1 на почетокот на третата четвртина… се виде дека ова е кошмарен ден за турците, кои својот втор гол го постигнува дури на 6 минути пред крајот на натпреварот.

Слушам – и ми се чини – амбициите на нашите репрезентативци за висок пласман изгледаат можеби и нереални , затоа што во групата се и реномирани репрезентации како Унгарија, Италија и (домаќинот) Холандија… но со таква игра ништо не треба да не` изненади! 16:4 е највисока победа што нашата репрезентација ја има забележено до сега!

Утре се игра со репрезентацијата на НЈС и, верувам, сега на нивните ватерполисти им клацает ноѓеве… а утре ќе им се тресат и гаќите!!!

Comments (2)

Графити во Ниш

Се разбира дека деновиве вниманието на македонската јавност – особено онаа спортската – е свртено кон Ниш и европското ракометно првенство што таму започнува денес…

Пријателскиот договор меѓу двете земји – границата да може да се помине само со (биометриски) лични карти – им овозможува на значителен број македонци да бидат директни сведоци на ракометните возбудувања… Е, сега… има и по некоја непријатност: пред неколку дена имаше вест за провокација од страна на граѓани на нашиот северен сосед со знаме на нашиот јужен сосед,  а некои мајтапчии сега напишале графити во Ниш што велат дека Македонија е српска земја: http://kurir.mk/makedonija/vesti/57051-Makedonija-e-srpska-zemja–grafiti-vo-Nis

Ако сакал да биде попрецизен авторот на графитот требал таа порака да ја стави во минато време… бидејќи, навистина, со Букурешкиот договор голем дел од Македонија и` бил даден на владение на Србија… но тој дел веќе стекна независност… и како независна земја е член на Обединетите нации… навистина со привремено име… но тоа не е `Вардарска бановина`!

Инаку, јас пораката првично ја прочитав како `Македонија е ЕПска земја`, и го задржувам правото така да ја читам и понатаму… надевајќи се дека нашите репрезентативци ќе вкусат признанија за нивните усилби и резултати што ќе можат да се оценат скромно како  ЗА ПОФАЛБА!

Comments (5)

Внимание со мобилен на пешачки!!!

Како што секоја нова направија може да има позитивна употреба така таа истата може и да наштети. Се разбира дека автомобилот може да ја илустрира претходната констатација за брз и пријатен транспорт, ама ако не се внимава кога се вози постои ризик како од материјална штета така и од повреди… да не споменувам и трагични настани…

Кога малите деца проодуваат и се пуштаат самостојно да се движат родителите постојано укажуваат дека треба многу да се внимава на улиците, да се поминува на обележани пешачки премини (и семафори) и да се внимава и тогаш кога имаме предност во однос на други учесници во сообраќајот…

Но, забележувам дека родителите недоволно укажуваат на опасноста од користење на мобилни телефони по улиците! Тоа сум го утврдил многу пати. И, се чудам како возрасни девојки и момчиња толку се занесени со тоа мобилните што минуваат на пешачки премини така што повеќе внимание посветуваат на нивните мобилни одошто на возилата што наидуваат кон преминот!?! Состојбата да биде уште поризична, многу од зборувачите главата ја вртат спротивно од страната од каде што доаѓаат возилата… така што воопшто не гледаат дали возачите во возилата што им се приближуваат ја намалуваат брзината или и тие се занесени со некој телефонски разговор…

Знам дека има закон што на возачите им забранува да користат мобилен телефон додека возат (не сум сигурен дали сообраќајните полицајци забележуваат дека тоа не се почитува) ама, мислам дека би требало да се размислува за амандман на тој закон… па освен на возачите да им се забрани користење на мобилни телефони и на пешаците додека тие поминуваат преку пешачки премини…

Освен позитивни и мобилните телефони имаат и негативни влијанија… и да не се изложуваме на ризик да потврдуваме дека возилата можат да бидат многу поопасни по здравјето на корисниците на мобилни телефони… особено кога тие се користат на пешачки премини со погледи усмерени кон излозите на околните продавници…

Comments (5)

Собака не говорит по-английски!

Ми дојде малку смешен овој `демант`… па… да го забележам.

Добриот готвач вели дека се` што е претерано не е вкусно.

Па, на тема не се`присутниот (и агресивен!) англиски јазик некаде се пошегував дека и кучињата денес лаат на англиски! (Порано пеевме Ав! Ав! Шарко лае… а новата верзија изгледа ќе биде Уау! (Wow!)  Sharko лае).

Но, на стари години видов дека руски сум требал да учам, па – имајќи во предвид дека интернетот значително ја олеснува работата при учење на странски јазици – си најдов сајт-два по мерка. И, само што стигнав до 5-та лекција гледам дека

Собака не говорит по-английскиThe dog doesn’t speak English.

Смешно ми дојде: Не зборува… ама сега лае на англиски!

Comments (5)

Најдобри(от) во минатата година

Календарскиот крај на годината е период кога се прави рекапитулација на настаните по што луѓето ќе ги паметат.

Нема сомнение дека минатата година ќе ја паметиме по успехот на нашата кошаркашка репрезентација на европското првенство во Литванија, затоа што настаните во септември 2011 – како таму така и ваму – ги пречекорија границите на спортски настан – во позитивна смисла.

Додека на клупски план состојбата е многу јасна… на поединечен план има прилично несогласувања!

  • За едни најдобар кошаркар за минатата година е Владо Илиевски…
  • За други тоа е Војдан Стојановски …
  • За трети Предраг Самарџиски …
  • За четврти најдобар спортист(не се споменува дека е кошаркар, бидејќи најдобар кошаркар т.е. најдобри кошаркари за 2011 година веќе се прогласени) е Перо Антиќ…
  • За петти  тоа е Бо Меккејлеб…

Образложенија:

  • раката на Владо Илиевски не затрепери во последните секунди на натпреварот со… и, да не беше тој…
  • капитенот на репрезентацијата Перо Антиќ како диригент на оркестар е најзаслужен за изведбата…
  • без  натурализираниот Бо(рче)… еден од најдобрата петорка на шампитонатот  шансите за тој успех драстично ќе ни се намалеа…

Туку… да си признаеме дека некои селектори не сакаа да му признаат на Бо дека се покажа како поголем  македонец  од многу други во зис кантри… па измислуваа категории (странски играч на привремена работа кај нас… натурализиран играч…).  Додека секој од нашите репрезентативци може да се чувствува како дел од тимот на соништата сакам да потенцирам дека не треба да бидеме неправедни кон мистер Бо, да го прегрнеме и гласно да кажеме дека Е НАШ, и се гордееме со него, така како што на многумина со наш пасош – што (полу)тајно играат за туѓи репрезентации – треба да им покажеме `шут-карта`!

ЗАБЕЛЕШКА: изразот `шампитонат ` не е печатна грешка, туку израз што јас го склепав (кованица) за нешто како  сладок шампионат (асоцијација на шам-пита).

Comments (6)

Green valley (имет!), zelena dolina (имет!), зелена долина – НЕМЕТ!

И, така, батка… се подготвувам на направам пица… проверувам што има – што нема… па заклучувам дена нема оригано!

Лесна работа, си велам… наметнувам јакна… се симнувам долу до продавницата… имате оригано?… се разбира дека имаме!

Назад во кујната… малку повнимателно  се загледувам во пакувањето и заклучувам дека сме прилично `зелени`!

На пакувањето има напишано GREEN VALLEY, има напишано Zelena dolina… ама нема напишано ЗЕЛЕНА ДОЛИНА!?!

Зборот ми е: ако самите не го користиме кирилското писмо во комуникацијата… нешто што афирмативно зборува за нашите корени… како тогаш на други им се лутиме што не не` признаваат?

Очигледно е дека одговорните државни служби не се доволно будни… т.е. не си ја вршат работата како што се очекува од нив.

Comments (4)

Новогодишен или нојејарише базар

Во овој период од годината луѓето се малку порасположени да потрошат некој денар повеќе за себе и за другите. Разбирливо е што и оние што имаат што да понудат бараат соодветно место за тоа.

Па, така, во центарот Скопје, пред градскиот трговски центар поставени се монтажни киосци со разновидни производи. Очигледно дека тоа е направено со амин на градските власти… затоа што штандовите се така-речи унифицирани… за разлика од импровизираните картонски штандови што порано можевме да ги видиме таму.  Дури и називите на штандовите се унифицирани… и добро изведени… но на секоја од нив има еден показател за тоа дека сме недозреани како држава…  Имено, наместо двојазични натписи – што мислам дека може да се прифати – овој пат натписите се ТРОЈАЗИЧНИ!?! Незгодата е во тоа што КАКО ДОМИНАНТЕН јазик – напишан прв и со најкрупни букви е германскиот!?! Називите на македонски јазик се неколку пати поситни.

Од такви постапки – што за мене е faux pas – можам само да бидам навреден… а се надевам дека и други ќе се сложат со тоа. Единствена утеха е што овој пат – ШУЌУР!!! – англискиот е исфрлен од игра!

Comments (5)

Блесок (со мало затемнување) во заливот на коските

Според репортажата на ТВ Телма членовите на клубот за подводни активности „Охрид“ и на нуркачкиот центар „Амфора“ денеска во Заливот на коските кај Градиште, во Охридското Езеро, традиционално на неколку неколку дена пред Новата година ја накитија подводната елка.

Спонзор (и соучесник) на оваа своевидна атракција годинава е весникот „Нова Македонија“,

Најпрво, ги поздравувам активистите што за урнек го имаат слоганот „Здрав дух во здраво тело“, но притоа би сакал да им обрнам внимание дека во иднина треба да бидат маклу повеќе будни, затоа што овој пат – според снимките – до елката беше поставен натпис Happy New Year… а, честитките беа упатени кон македонците а иронија на настанот е што тоа ги упатуваат луѓе што живеат таму од каде што пред повеќе од еден милениум почна да се проширува писменоста со помош на кирилското писмо и тие би требало да бидат најбудни во смисла на зачувување и употреба на кирилсткото писмо и македонскиот јазик.

На крај,  наместо З`Ш ВАКА БЕ? Можеби треба да ги прашам HOW COME?

Па, да бидеме здрави и живи и да видиме дали следнава New year пак ќе ја честитаат на латиница и туѓ јазик, или ќе си речат:

Ај да си речеме СРЕЌНА НОВА ГОДИНА!


Comments (9)

Византиски напеви на македонски јазик исполнува хорот `Св. Димитриј` од Марковиот манастир

Овие претпразнични денови со особено задоволство можам да ги упатам љубителите на убавата музика на новиот сајт http://byzantinemusicmacedonia.org/ на авторот др. Јане Коџабаџија.

Ја користам оваа прилика да му честитам на авторот за уште едната `цигла во музичкиот столб` со надеж за уште прилози како на тој сајт така и во други области од неговото творештво.

Во исто време би сакал да напоменам дека за евентуалните послаби делови од напевите што ги исполнува хорот `Св. Димитриј` од Марковиот манастир одговорноста ја превземам на себе, бидејќи се чувствувам послаб од останатите членови на хорот… во врска со што треба да му се заблагодарам на маестро Коџабашија за укажаната шанса да бидам дел од овој проект.

Comments

« претходна страница« Previous entries « претходна страница · Следна страница » Next entries »Следна страница »